Костадиновска-Стојчевска: Буџетот за култура да се уреди со закон

од admin_kult

– Буџетот за култура треба да е уреден со закон за да не се крати за културните проекти. Кратењето на буџетот е заради обезбедување на платите на културните работници во согласност со Колективниот договор, што изнесува 51,3 %, и е заслужено бидејќи 15 години се бореа за своите права – истакна министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во денешното гостување во емисијата „Стадион“ на радиото „Канал 77“.

Таа додаде дека сите проблеми во бодувањето и доделувањето  на платите во минатото, сега се спроведуваа во согласност со закон и вреднување на работата на уметниците и културните работници.

На прашањето во врска со несаканиот настан, односно обивањето на просториите на Културно-информативниот центар на Република Бугарија во Скопје и за различните реакции од страна на Бугарија, министерката рече дека се слушнала со Антонија Велева, директорка на Центарот, и ја уверила дека Центарот не треба да е мета на напади.

– Навистина имаме плодна културна соработка со Бугарија, нашите уметници континуирано учествуваат на фестивали и манифестации во Бугарија и обратно. Така што, јасно е дека културата нема граници – додаде министерката во гостувањето.

За поплавата во МНТ, Костадиновска-Стојчевска рече дека оваа најпрестижна театарска институција во земјава заслужува да биде сместена  во квалитетно изграден објект.

– За жал, иако станува збор за релативно нов објект, поради поплавата техничкиот директор мораше да плива во водата за да ја исклучи струјата. За да се испумпа водата, моравме да побараме помош од другите министерства. А станува збор за релативно нов објект. Центрите за култура во Струмица и во Битола, пак, започнуваме да ги реновираме оваа година. Имаме објекти кои се изградени пред десетина години и се распаѓаат, но ниту една институција не ја оставаме, туку од година во година сите плански ќе ги реновираме, затоа што во секој град секоја културна сцена заслужува да биде реновирана и модерна според светски стандарди – рече Костадиновска-Стојчевска.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе