Во галеријата на КИЦ на Република Северна Македонија во Софија вечер (6 јуни), од 18:00 часот, ќе се одржи концертот „2+1“ на музичкото трио составено од Стојан Димов (кларинет/саксофон), Нинослав Димов (саксофон) и Маја Поповиќ-Караиванова (пијано). Овој музички состав ќе се претстави пред публиката во Софија со дела од: Пит Свертс, Антонино Паскуљи, Бела Ковач, Феликс Менделсон, Педро Итуралде.
Стојан Димов завршува основно и средно музичко образование во Велес и во Скопје, Македонија. Од 1975 до 1981 бил на додипломски и постдипломски студии на Универзитетите во Скопје и во Загреб, во класите на проф. Иван Кочаров и проф. Јосип Нохта. Својата втора магистерска диплома ја добива во 1993 година на Универзитетот во Скопје. Од 1980 до 1995 е соло кларинет на македонската Филхармонија, а во исто време е и член на Биг бендот при МРТ. Од 2002 година е член на групата на Горан Бреговиќ.
Маја Поповиќ е родена во Скопје каде што средното музичко образование го завршува во класите на проф. С. А. Чадиковска и проф. М. Писинова. Своето школување го продолжува на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистерските студии ги завршува во 2011 година на ФМУ во класата на проф. Е. Елезовиќ.
Поповиќ работи како професор по пијано и камерна музика во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј “ – Скопје (каде што има освоено многубројни признанија и награди со своите ученици ), и е стручен соработник корепетитор во класата по саксофон на ФМУ – Скопје.
Од 2012 година соработува со саксофонистот Нинослав Димов, со кого имаат голем број рецитали.
Димов дипломирал во класата на проф. Стојан Димов на Факултетот за музичка уметност во Скопје во 2004 год., а магистрирал во 2006 година. По дипломирањето во Скопје, продолжува со своите студии во Берлин, Германија. Добитник е на повеќе награди на републички и на интернационални натпревари, и е редовен учесник на престижни семинари по саксофон во Словенија, Хрватска, Грција, Франција, Германија …
Димов е редовен професор по саксофон и камерна музика на ФМУ – Скопје, член на Биг бенд оркестарот при МРТ, ЗЏМ Биг бенд, Баги биг бенд и саксофонист по потреба во Филхармонијата на Република Северна Македонија.