Aнсамблите „Tанец“ и „Kоло“ со два заеднички концерта во рамките на чествувањето на 75-годишнината на Српскиот национален ансамбл

од admin_kult

Националните ансамбли „Танец“ и „Коло“ имаат долгогодишна успешна соработка, а последен пат настапија заедно на Новогодишниот концерт на „Танец“ во 2019 година, во рамките на чествувањето на јубилејната, 70-та година од постоењето на македонскиот национален ансамбл. Тогаш на сцената на Македонскиот народен театар заиграа заедно над 120 учесници, спектакл во кој уживаа сите љубители на врвниот македонски и српски музичко-сценски фолклор.

Оваа година Ансамблот „Коло“, кој е основан во 1948 г., само една година пред основањето на „Танец“, ја чествува својата 75-годишнина. Јубилејот го следи програма со серија активности, меѓу кои и регионалната турнеја наречена „Колодром“, во која се вклучени два концерта со Ансамблот „Танец“: во Крагуевац, на 7 јуни, и во Битола, на 9 јуни.

На концертот во Битола, кој ќе се одржи на 9 јуни во Центарот за култура, со почеток во 19 часот, македонската јавност ќе може да ужива во раскошните кореографии и сценски адаптации, како: „Радовишки собор“, „Водарки“, „Копачка“, „На мегдан“, „Врањска свита“, „Игри од Шумадија“, „Влашки игри“, „Игри од Биначка Морава“, „Тројно“, како и во прекрасните вокално-инструментални сплетови на народни мелодии од богатиот репертоар на двата ансамбла.

Концертот во Крагуевац, Србија, кој ќе се реализира на 7 јуни 2023 година во најпознатата спортска сала во градот, „СББ хала Језеро“, е замислен како своевиден музичко-сценски спектакл, наменет за голем аудиториум, на кој ќе дојдат до израз големината и значењето на овие два државни ансамбла, кои се најголемите културни амбасадори на своите земји, Македонија и Србија.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе