Конзерваторите од Солун и од Битола даваат долгорочна заштита на исклучително вредниот фрескоживопис во Курбиново

од admin_kult

Македонските и грчките конзерватори денеска ги презентираа досегашните резултати од соработката меѓу НУ Завод и музеј – Битола и Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун на проектот за „Конзервација на ѕидното сликарство на црквата Св. Ѓорѓи во с. Курбиново“.

На презентацијата на стручните информации за оваа важна фаза во долготрајната заштита на овој вреден споменик на културата од византискиот период присуствуваа министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска; амбасадорката на Република Грција, Софија Филипиду; генералниот конзул на Грција во Битола, Александрос Видурис; директорката на НУ Завод и музеј – Битола, Мери Стојанова, со тимот конзерватори; како и директорката на Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун, д-р Флора Карајани.

Koстадиновска-Стојчевска посочи дека соработката меѓу Заводот и музеј – Битола и реномираниот Европски центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун започна пред две години, со потпишувањето на Меморандум за соработка.

„Во изминатиов период, колегите од Заводот и музеј – Битола и од Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун, по потпишаниот Меморандум, ги здружија професионалноста, техничките можности, знаењето, искуството, резултатите од претходните истражувања и современите методи, и посветено се вложија во проектот на кој со децении се чекаше“, рече Костадиновска-Стојчевска. Таа додаде дека заедничката работа на колегите од Солун и од Битола донесе високостручна конзервација на фрескоживописот од 12 век, на оригиналните фрески, меѓу кои е и фреската на Архангел Гаврил, познатиот „Ангел од Курбиново“.

„И стручната и пошироката јавност со право чекаа и бараа итна заштита на исклучително вредното културно наследство на цркавата Св. Ѓорги во Курбиново, чии фрески се редок пример на византиското ѕидно сликарство. Сведочиме на резултати кои со децении ги посакувавме, а кои ги добиваме токму сега, работејќи посветено, со грижа и поддршка што засилено ги вложуваме во заштитата на Курбиново во последниве пет години“, рече министерката за култура.

„Со стручност и план, со предвидената динамика, Курбиново конечно добива долгорочна заштита, а заедничкото византиско културно богатство – достојна грижа и афирмација“, додаде таа.

На настанот, Костадиновска-Стојчевска истакна дека конзервацијата на ѕидното сликарство на еден од највредните споменици на културата од византискиот период даде свој придонес и за унапредување на културната соработка и билатералните односи меѓу двете земји, размена на искуства и поврзување на стручната јавност.

„Оваа соработка е модел за идна соработка во сферата на заштитата и во афирмацијата на заедничките културни добра“, рече министерката за култура.

Во оваа фаза од конзервацијата, стручните лица користеа современи технологии и техники на истражување, ласерско скенирање на објектот, инфрацрвена камера, мултиспектрална камера и други техники за да се утврди како работеле и ја граделе црквата „Св. Ѓорѓи“ некогашните зографи.

Како што најавија од надлежната институција, Завод и музеј – Битола, активностите над вредната црква е планирано да завршат до крајот на годинава, кога ќе имаме завршен и комплетиран споменик од конзерваторски аспект во однос на архитектура и ѕидно сликарство.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе