Во изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово денеска (21 април) во 13 часот ќе биде отворена изложба на фотографии на којашто ќе биде промовиран ексклузивниот златен комплет пронајден во Неготинско. На изложбата се претставени предмети кои беа пронајдени во рамките на истражувањата на археолошкиот локалитет „Орманков гроб“, кој се наоѓа во непосредна близина на Неготино. Изложбата е во рамките на повеќегодишната соработка меѓу Музејот на град Неготино и НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово.
Ексклузивниот златен комплет, како збирен наод кој датира од IV до III век пр. н. е., претставува еден од најзначајните и најрепрезентативни наоди од овој вид од времето на почетоците на македонско-хеленистичкиот период на територијата на РС Македонија. Ова извонредно културно богатство беше презентирано во престижниот национален музеј „Келтен-Ромер“ (Keltten-Romer Museum) во Манхинг, Германија, заедно со Златната маска од Охрид. Денес се наоѓа во Археолошкиот музеј во Скопје каде што е достапен за пошироката светска јавност. Изложбата со фотографии досега е претставена во Неготино и во Кавадарци.
Изложбата во Куманово ќе биде поставена до 4 мај.