Во Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Загреб, Хрватска, вечер (29 ноември) во 19 часот ќе биде отворена самостојната изложба на скулпторот Славчо Спировски, насловена „Аголност на илузијата на пакетирањето“.
Станува збор за последната изложба во КИЦ Загреб финансирана од Програмата на Министерството за култура за 2022 година.
Изложбата „Аголност на илузијата на пакетирањето“ е концептуално дело – просторна подно-ѕидна инсталација, специјално подготвена за овој галериски простор, односно преобликување на концептот за суштината на скулптурата како илузија за тридимензионалност.
Претходно, Спировски се претстави и пред американската публика, во Галеријата МЦ во Њујорк, САД.
Славчо Спировски дипломирал на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, во класата на професор Станко Павлески. Учествувал на повеќе групни изложби, а се претставил и со неколку мултимедијални проекти, од кои се издвојува и проектот работен во соработка со маестро Симон Трпчески.