Во Македонскиот културно-информативен центар во Тирана, утре (петок, 15 април) ќе биде отворена изложбата на дела од македонскиот уметник Зоран Кардула.
Ова е прва изложба на Кардула во Тирана која ќе понуди 13 дела од овој уметник, графички дизајнер и сликар, предводник на генерацијата уметници чии дела се секогаш актуелни во времето.
Зоран Кардула се занимава со графички дизајн над 20 години. Учествувал на различни конкурси, меѓу кои на конкурс за дизајн на накит за „Swarovski“ и „INYO“. Победник е на постер-натпреварот на Латино-филмскиот фестивал. Во 2017 година имал изложба на постери на тема „Soviet Neo-Constructivist Propaganda“ во Минеаполис, САД. Во 2018 година во Рим ја претставил „Изложба без жири“, поставка на 40 негови дела кои биле редизајн на симболите што ја одбележале социјалистичката ера на поранешна Југославија.
Во следниот период во Македонскиот културен центар во Тирана, кој за релативно краток период прерасна во едно од препознатливите места за уметниците и за граѓаните на двете соседни земји, ќе се реализираат повеќе културни настани. Како што најави директорот Златко Ориѓански, концерт ќе одржи нашиот познат гитарист Влатко Стефановски, потоа ќе гостува гитаристот Мухамед Ибраими, а е планирана и промоција на книга од Јордан Плевнеш преведена на албански јазик. Исто така, во Тирана ќе настапат и 20 монаси од Бигорскиот манастир, кои ќе го презентираат начинот на византиски, црковнословенски пеења.