Во дворот на Министерството за култура, со изложба на ДЛУМ, ќе се одбележи Светскиот ден на уметноста

од admin_kult

По повод 15 Април – Светски ден на уметноста, во дворот на Министерството за култура денеска (15 април) во 13:30 часот ќе биде отворена изложбата „Поместени граници”. Изложбата, чии организатори се Друштвото на ликовните уметници на Македонија и Министерството за култура, за публиката ќе биде достапна до 20 часот истиот ден.

Овогодишното издание на Годишната изложба на ДЛУМ ,,Поместени граници” ја има можноста за користење на отворениот простор – паркот на Министерството за култура – и со тоа се вклучува во заедничкото празнување на овој светски датум на уметноста.

Поставувајќи ја уметноста поблизу до гледачите, дури и случајните минувачи, ја продолжуваме мисијата, уметноста да биде духовна храна, преку неа да испратиме порака и да се запрашаме колку сме моќни да направиме промени.

„Поместени граници” веќе го има своето шесто издание. Тоа е концепт-проект посветен на новите медиуми,  потенцирајќи  ги уметничките процеси кои се отворени за промени, уметноста во хармонија со просторот, односот уметност –  природа. Уметниците избрани за ова издание ги придвижуваат границите на мислите, експериментираат низ нивната замисла, а сето тоа е резултат на грижите, прашањата и евентуалните одговори што треба да ги дадат во своите дела. Изборот на уметниците, главно од младата генерација, со свои решенија од последната година на творештвото, внесуваат енергија на поврзаност со природата, но и посветеност кон вечните теми на бесконечноста, релативноста на времето, еколошкиот пристап кон постоењето, но уметниците се посветуваат и кон пробивањето на границите на разбирањето и надежта. На изложбата ќе се претстават 8 уметници: Марија Светиева, Ненад Тонкин, Ива Станковска, Дарко Базерко, Ана Трајковска, Јана Јакимовска, Славчо Максимовски и Ана Ивановска.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе