Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово денеска започнува 25. издание на Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија“. На репертоарот се 12 претстави од театрите од Македонија, Србија, Бугарија и од Хрватска.
Фестивалот ќе биде отворен со претставата „Приватни животи“ на Градскиот театар од Винковци, Хрватска, а потоа следуваат настапите на Народниот театaр од Штип со претставата „Власт“, Стендап комедија на кумановски актери, Народниот театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп со претставата „Да, инспекторе“, „Ателје 212“ од Белград со „Славна Флоренс“, Народниот театар од Битола со „Малиџано“, Театарот од Тетово со „Малограѓанска свадба“, Театарот „Импресарио“ од Белград со „Повикај го М поради уживање“, Струмичкиот театар со претставата „Паника во хотел Палас“, Драмскиот театар од Ловеч, Бугарија, Приштинскиот народен театар со „Сомнително лице“, Велешкиот театар со претставата „Слуга на двајца господари“, а фестивалот ќе го затвори Кумановскиот театар со „Секс и лаги“.
Новина е што фестивалот од оваа година е со натпреварувачки карактер, па стручно жири ќе избира најдобра претстава, актер, актерка, режија, сценографија и костимографија. Наградата „Васил Иљовски“ за животно дело во областа на комедиографијата оваа година ја доби актерот Благоја Чоревски.
Деновите на комедија ќе се одржат од 28 септември до 14 октомври, а се реализираат со поддршка од Министерството за култура и од Општина Куманово.