„Старото е ново“ е мотото на 51-то издание на Фестивалот на народни игри и песни „Илинденски денови“ кој на 20 јули започна во Битола.
Од Центарот за култура во Битола посочуваат дека е предвидена обемна програма преку работилници, изложби и стручен симпозиум што ќе бидат убав вовед во фестивалските вечери кои, со големото дефиле по улиците на Битола, стартуваат на 26 јули и завршуваат на 30 јули.
„Гости од САД, Русија, Грција, Хрватска и од Албанија ќе го донесат националниот фолклор низ улиците на Битола, под светлата на фестивалските сцени кои годинава ќе ги има и на стари и познати, но и на некои сосем нови локации“, додаваат од Центарот за култура во Битола.
Покровител на Фестивалот е Собранието на РСМ, а оваа манифестација е дел од Годишната програма од национален интерес на Министерството за култура.