Драмскиот театар од Скопје со монодрамата „Кармен“ в петок (12 август) ќе учествува на фестивалот „РУТА“. Гостувањата на членките од Регионалната унија на театри со своите претстави се реализираат со настап на отворената фестивалска сцена на Бриони во Хрватска. Домаќин на летново издание на РУТА е театарот „Улисис“.
Фестивалската програма на Бриони е во рамките на театарско-музички проект на тимот на познатиот актер Раде Шербеџија, а настапуваат познати театарски куќи и музичари од десетина земји.
Учеството на Билјана Драгичевиќ-Пројковска со монодрамата „Кармен“ е трет меѓународен настап на Драмскиот театар со оваа претстава, по гостувањата на фестивалот „РУТА“ во Сараево и на Македонското културно лето во Албанија.
Есенското издание на фестивалот „РУТА“ ќе се одржи во Скопје во организација на Драмскиот театар од 14 до 20 октомври. Македонската публика ќе има можност во ревијалната фестивалска недела да проследи шест претстави од водечките театри на регионот, членки на Регионалната унија на театри – РУТА.