На Светскиот ден на театарот, вчеравечер во Драмскиот театар во Скопје беше промовирана монографијата „Ристо Стефановски“, а како благодарност за неговиот влог во развојот на театарот, големата сала во Драмскиот театар го носи името на нашиот врвен театролог, хроничар и културен работник.
Во присуство на многубројните гости, меѓу кои беше и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, директорката на Драмскиот театар, Викторија Рангелова-Петровска, истакна дека Ристо Стефановски, кој беше прв директор на оваа установа, ја отвори вратата, го зацрта патот, ја создаде основата и низ годините ги водеше најголемите премрежиња, борби и победи на Драмски театар.
„Неверојатно, но вистинито. Ристо Стефановски е дел од нашата колективна меморија, особено кај оние што ја имаа таа радост да соработуваат со него и да го познаваат, но приказната за него треба да биде дел и од сознанието на генерациите што доаѓаат“, рече Петровска и додаде дека најистакнатите македонски театарски режисери, драмски автори, актери и другите креативни чинители, ќе имаа понеизвесен пат во градењето на професионалната кариера доколку не добиваа отворени можности од страна на Стефановски.
На свеченоста по повод Светскиот ден на театарот, беше промовирана и монографијата „Ристо Стефановски“, за која промоторката Искра Гешоска истакна дека со оваа монографија и со одлуката за именување на големата сцена на Драмскиот театар со името на неговиот основач и стратег, Ристо Стефановски, се пркоси токму на културата на заборавот.
„Денеска, на денот на театрите, Драмскиот театар Скопје му оддава чест на Ристо Стефановски, кој е, всушност, втемелувач, основач, поставувач на визионерските и стратешките насоки на понатамошниот негов развој. Со ова монографско издание за Ристо Стефановски, како и со именувањето на големата сцена на театарот, се покажува дека не само што има јадра кои пркосат на оваа доминантна култура на заборавот туку и дека постои јасно проникнување во втемелувањето на она што значи императивна вредносна вертикала“, рече Гешоска.
Уредничката на ова монографско издание, драматургот Александра Бошковска, од име на тимот што работеше на ова издание: Викторија Рангелова-Петровска, Димитар Николовски и Теа Беговска, истакна дека е големо задоволство што ја имале можноста да се посветат на оваа издание и дека е вложен голем напор да се сублимира огромниот материјал и да се сведе на обем што го дозволува овој формат на монографско издание.