Националната установа Камерен оркестар на Битола, јубилејот 10 години од формирањетo го одбележува, како што изјави в. д. директорот Владимир Димовски, со уривање рекорди со своите проекти.
– Минатата година, НУ Камерен оркестар на Битола оствари повеќе од 20 проекти, со вкупна посетеност од над 20 000 посетители. Меѓу најпознатите проекти се „MTV The Greatest Hits Volume 1“, кој се реализира во Битола и во Скопје, традиционалниот новогодишен концерт „Виена во Битола“, потоа проектот „Јонче Христовски Симфонија“, „Viva Verdi, Rock & Beat Symphony“ и многу други. Оваа година Камерниот оркестар на Битола ја почна со проектот „MTV The Greatest Hits 80’s & 90’s Volume 2“, но со изменет репертоар, кој вклучува и незаборавни рок-хитови од легендарните рок-бендови што ја обликуваа музичката сцена во оваа ера, како што се: „Guns N’ Roses“, „Queen“ и многу други – посочи Димовски.
Викендов во Битола членовите на Камерниот оркестар одржаа два концерта на кои композициите ги изведоа: Ирена Димовска, Полина Тасева, Агни Авшар, Ана Петановска, Јасна Димитровска, Мила Николовска, Огнен Димовски и специјалната гостинка Дона Марина Мартенсон (Dona Marina Martensson) – женскиот вокал на светски познатата авангардна музичка група „Лајбах“, поп-рок хорот „Битвокс“, балетски играчи, солисти при Националната опера и балет и членови на КУД „Илинден“.