„Големата ѕвезда на македонскиот филм“, награда што во рамките на Меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ традиционално се доделува за исклучителен придонес во македонската кинематографија, оваа година ќе биде постхумно доделена на филмскиот продуцент Горјан Тозија.
Во богатата професионална биографија на Тозија ќе останат запаметени двата најголеми успеха на нашиот филм: номинацијата за Оскар на филмот „Пред дождот“ во 1994 година, кога тој ја раководеше продуцентската куќа „Вардар филм“, и двојната номинација за Оскар на филмот „Медена земја“ во 2020 година, кога тој беше на чело на Агенцијата за филм на РСМ.
Горјан Тозија (1954 – 2022) беше филмски продуцент, поранешен државен секретар во Министерството за култура и советник во Кабинетот на претседателот Бранко Црвенковски. Беше претседател на Друштвото на филмските работници (ДФРМ), а во 1993 година се наоѓаше на чело на државната продуцентска куќа „Вардар филм“.
„Голема ѕвезда на македонскиот филм“ е награда на Друштвото на филмските работници на Македонија. Со наградата, воведена во 2013 година, се оддава признание за исклучителен придонес во македонската кинематографија, а традиционално се доделува во рамките на Меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“.