Билјана Билбилоска ќе се претстави со самостојна изложба во Сплит, Хрватска

од admin_kult

На 24 август во 20 часот во галеријата „Студио 21“ во Сплит, Република Хрватска, ќе биде отворена самостојна изложба на дигитални графики на Билјана Билбилоска.

На изложбата ќе бидат претставени графики инспирирани од византиската уметност, односно, како што информира авторката, се работи за спој меѓу византиската уметност и современите уметнички текови во сферата на графиката, заедно со современите алатки за ликовно изразување.

„Овие дела комуницираат со минатите времиња и со техниките на старите мајстори живописци. Затоа се толку длабоки, но во исто време и толку едноставни, како прочистени од талогот на историјата. Стилизацијата на византиската естетика е доведена до совршенство на минималистичкиот уметнички потег. Цртежот е остар и прецизен како напукнат кристал. Но графиките се само навидум црно-бели, колоритот е придушен и раскошен, суптилно скриен во енергијата на формата. Тие функциониираат како современи икони“, вели за изложбата академскиот сликар Никола Пијанманов.

Изложбата ќе биде отворена до 12 септември 2022 година.

Билјана Билбилоска (1980) дипломирала и магистрирала на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ во Скопје, на отсекот за графика со графички дизајн. Досега имала шест самостојни изложби во РС Македонија и во Србија, како и многубројни групни изложби во земјава и надвор. Ова е нејзино прво претставување пред хрватската јавност.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе