Министерството за култура издвои над пет милиони денари за вкупно 22 проекта за Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, активности што ќе се реализираат во знакот на прославата на 40-годишниот јубилеј на оваа национална установа.
По повод јубилејот, во април ќе биде издадена монографијата „Национална установа Центар за култура ’Трајко Прокопиев‘ Куманово 1981 – 2021“ од група автори, која ќе биде пресек на развојот и активностите на Установата во изминатите четириесет години. Во текот на овој месец, пред кумановската публика ќе бидат прикажани и двете премиерни изведби на претставите: „Драма изгубена во времето“, во режија на Владлен Александров, и „Игра на љубовта“, во режија на Нехат Мемети.
Во мај се предвидени активности за промоција на тековна книжна продукција, односно ќе има промоција, презентација и популаризација на творештвото на Ана Бунтеска, додека, пак, македонската етнолошка традиција ќе биде претставена преку Ревијата на традиционални носии од Шопско-брегалничката етнографска целина.
Во јуни ќе се реализираат: изложбата „Самоуки 2021“, „Графит-фест Куманово 2021“, како и концертот на пијано-дуетот „Јована и Мимоза“.
Театарската претстава „Гробишта на автомобили“, во режија на Нела Витошевиќ, премиерно ќе биде прикажана во јули, а во август, пак, премиера ќе има театарската претстава „Свиркање во мракот“ во режија на Ќендрим Ријани.
Традиционалното издание на Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедијата 2021“, кој ќе се одржи по 24-ти пат, е предвидено да се реализира во септември, а во текот на овој месец ќе се реализира и прославата на патрониот празник на НУ ЦК „Трајко Прокопиев“ со организирање вечер посветена на Трајко Прокопиев. До крајот на годинава, пред кумановската публика ќе бидат прикажани и повеќе самостојни изложби на реномирани македонски автори, меѓу кои и на: Марија Величковска, Андриана Мациева, Дороти Пачкова, а е предвидена и изложба на „Кумановски графичари 2021“, како и копродукциска соработка со Меѓународната ликовна колонија „Карпино 2021“.
Од областа на инвестициите, во Центарот за култура во Куманово ќе се реализираат три проекти со кои ќе се подобрат условите за функционирање на оваа установа. Во почетокот на мај, според динамиката на институцијата, ќе започне изведбата на работите за реконструкција на објектот на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, односно на зградата на театарот. Министерството за култура обезбеди средства и за изведба на систем за гасификација на објектот на оваа национална установа, како и за набавка на професионална музичка миксета за потребите на Центарот за култура.