Во галеријата на Националната уметничка академија во Софија, Бугарија од вчера е претставена фото-изложбата „Таму“ на режисерот Милчо Манчевски.
Манчевски, на изложбата се претставува со 88 фотографии во боја, на тема улична фотографија, а, како што информираат од КИЦ на Република Северна Македонија во Софија, со својот врвен естетицизам и драматика го привлече вниманието на уметничката и интелектуалната публика во Софија.
Изложбата ќе биде поставена до 16 септември, а на 10 септември се очекува Милчо Манчевски да допатува во Софија, кога во галеријата Националната уметничка академија ќе има формално отворање на изложбата, а ќе има и средба со неговите почитувачи, млади артисти и студенти по филмски студии во КИЦ на РСМ.