На 27 мај во 20 часот, со миниконцерт на џез-составот „Јордан Костов Квинтет“, кој ќе се одржи во дворот на Кинотеката на Северна Македонија – во летното кино „Мирно лето“, започнува 11. издание на Филозофскиот филмски фестивал.
На фестивалската програма, до 3-ти јуни ќе бидат претставени 40-ина филмови, 50-ина настани и 30-ина домашни и интернационални гости.
Филмовите ќе се прикажуваат во киносалата и на отворено – во летното кино „Мирно лето“ во дворот на Кинотеката, а едукативната програма и првата меѓународна конференција „Филозофија и филм“ остануваат онлајн.
Фестивалот, како што соопштуваат од Филозофското друштво на Македонија, е поделен на седум сегменти: Официјална селекција на долгометражни филмови, Официјална селекција на краткометражни филмови (двете со натпреварувачки карактер), Ревијална програма: филм-философија, Ретроспектива Тарковски, Едукативна програма, Првата меѓународна конференција „Филозофија и филм“ и Придружна програма.
Единаесеттото издание на ФФФ се реализира во соработка со Филозофскиот факултет при УКИМ и со Кинотеката. Институционални покровители се Агенцијата за филм, Министерството за култура и Град Скопје.