Стефоска на Министерска конференција: Културата e движечка сила која ги отвора границите што ги затвори вирусот

од admin_kult

Министерката за култура Ирена Стефоска денеска учествуваше на Седмата министерска конференција на Советот на министри за култура на Југоисточна Европа – Јакнење на културата во функција на одржливиот развој (CoMoCoSEE), која, поради пандемијата на КОВИД-19, се одржа онлајн. Домаќин на оваа значајна Министерска конференција беше Министерството за култура и спорт на Република Грција, коe во изминатиот период претседаваше со Советот.

Министерката за култура Стефоска во своето обраќање изрази благодарност до домаќините и истакна дека е ова одличен повод да се нагласи заедничката посветеност за понатамошно унапредување на регионалната и мултилатералната соработка во областа на културата и културното наследство како движечка сила за дијалог, креативност и кохезија на регионот.

Во своето обраќање, реферирајќи на темата на Министерската конференција: „Дигиталните и еколошките културни политики во контекст на пандемијата“, Стефоска истакна дека Република Северна Македонија, како и другите земји во светот, ги усогласи својот социјален и културен живот за да се справи со предизвиците што ги наметна глобалната пандемија.

„Овие нови предизвици ни овозможија да започнеме да гледаме на културата повеќе како екологија, отколку само како економија, и да започнеме со преиспитување на старите модели на креативен пристап и државна поддршка. Меѓутоа, во овој поглед, сè уште имаме многу повеќе да работиме и да учиме едни од други“, додаде Стефоска.

Министерката за култура информираше дека како дел од сеопфатните државни пакети за поддршка, беше обезбедена поддршка за културните работници, вклучително, и за прв пат, за независните уметници.

„Паралелно со осигурувањето дека културните работници можат да продолжат да творат, Република Северна Македонија ги продолжи системските реформи, фокусирана кон нова стратегија и законска рамка за заштита на културното наследство“, рече Стефоска. Таа ја нагласи и важноста на културата како главна алатка која им помага на луѓето да се справат со последиците од глобалната пандемија и рече дека културата мора и треба да биде движечка сила која ги отвора границите што ги затвори вирусот.

„Ние сме министри за култура во многу тешко време. Затоа, нашата одговорност е поголема од вообичаеното. Сега, повеќе од кога било, нашата соработка е најважна. Културата може да биде заеднички елемент што го споделуваме и кој може да ни помогне да ја поддржиме и да ја инспирираме неопходната транзиција од нашата моментална ситуација и треба да биде уште повидлива. Југоисточна Европа, како цивилизациска крстосница, изобилува со културно наследство, што треба да нè направи уште поблиски пријатели“, нагласи Стефоска.

На Конференцијата беше истакнато дека како дел од процесот на интеграција во ЕУ, Северна Македонија е посветена на спроведувањето на Агендата на ЕУ за Западен Балкан за иновации, истражување, образование, култура, млади и спорт. Беше споделено и дека Министерството за култура на Северна Македонија ја изрази својата подготвеност да учествува во новата Програма за Креативна Европа 2021 – 2027 година. На Конференцијата беше поздравена и иницијативата за формирањето на Регионалниот фонд за културна соработка, како сериозен механизам за практично унапредување на регионалната соработка.

Министрите за култура и шефовите на делегациите, на крајот на Министерската конференција, ја усвоија и Атинската декларација со која ги потврдија заложбите за продолжување на соработката во духот на меѓусебното почитување. Претседавањето со Советот на министри за култура на Југоисточна Европа – Јакнење  на културата во функција на одржливиот развој (CoMoCoSEE) го презеде Црна Гора.

Можеби ве интересира:

Leave a Comment

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе