Со претставата „На отворено море“ завршува „Охридско лето“

од admin_kult

На Античкиот театар во Охрид вечер (20 август) во 21 часот со претставата „На отворено море“, во режија на Егон Савин, во изведба на Југословенски драмски театар (Југословенско драмско позориште) од Белград, Србија, свечено ќе биде затворено годинашното издание на фестивалот „Охридско лето“.

Во претставата настапуваат: Ненад Јездиќ, Слобода Миќаловиќ, Љубомир Бандовиќ, Весна Станковиќ, Бојан Лазаров и други.

Од „Охридско лето“ најавуваат дека станува збор за жанровски комплексна претстава: трагична, апсурдна и сатирична.

„Тоа е приказна за љубовната афера на една убава, среќно омажена жена со министер во владата. Во оваа драма сите се уценети и корумпирани бидејќи тоа се луѓе од власта или од непосредна близина на власта. Зад семејните, пријателските и љубовните врски стои исклучиво голиот интерес. Сите имаат корист од оваа афера. Нушиќ никогаш не би напишал драма за млада, омажена жена која има љубовник, но кога тој љубовник е министер во владата, тогаш тоа е и политичко и државно прашање. Така Нушиќ ја започнува ’На отворено море‘, остра сатира за политичкото и семејното лицемерство и неограничената корумпираност  на човекот, како и стравот од вистината и одмазда на властите“, наведено е во најавата за претставата. Режисерот на претставата, Егон Савин, е редовен професор на Катедрата за театарска режија на Факултетот за драмски уметности во Белград. Режирал многу различни драмски репертоари – од современи домашни автори што ги режирал во неформални групи до светски класици во најголемите национални театри. Добитник е на најзначајните награди за режија во земјата и во странство.

Можеби ве интересира:

Leave a Comment

Страницата на Министерството за култура на Р.С.Македонија користи т.н."колачиња" со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе