Со осум концертни настапи, но и документарен филм, годинава во Националната опера и балет и во Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе се одржи 21. издание на фестивалот „Оффест“. Фестивалот почнува утре (среда, 1 јуни) со настапот на македонскиот етносостав „Перија“, а веднаш по него ќе настапи дуетот Добрила и Дориан со домашна концертна премира на нивниот албум „Апокриф“.
Следната вечер, на 2 јуни, како што информираат од „Оффест“, во Националната опера и балет ќе настапи инструменталистот Балаке Сисоко од Мали, во комбинација со триото на бразилскиот гитарист, пејач и композитор Лукас Сантана.
Третата вечер, пак, во киното „Фросина“ во МКЦ ќе се одржи проекција на документарниот филм „The Rumba Kings“ посветен на конгоанската румба, а подоцна во Дансинг салата ќе настапат „Лос пирањос“.
На 4 јуни во Националната опера и балет ќе настапат италијанската пејачка Марија Мацота, и тоа во дует со познат хармоникаш, и една од неколкуте ѕвезди на фестивалот, пејачката Ненси Виеира.
Фестивалот в сабота ќе заврши со танц, односно со концерт на еден голем, нов, музички колектив од Гана, групата „Сантрофи“.