Тековните активности, проектите што планираат да ги реализираат во периодот што следува, но и проблемите со кои се соочуваат во текот на своето работење беа темата на денешната посета на министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на националните установи од областа на културата во Струга.
Костадиновска-Стојчевска ги посети Центарот за култура „Браќа Миладиновци“, Музејот „Д-р Никола Незлобински“, како и Националната установа- манифестацијата „Струшки вечери на поезијата“, каде што годинава се издвоени значителни средства за инвестиции.
![](https://kultura.gov.mk/wp-content/uploads/2022/03/Struga-2-3-1024x683.jpg)
Министерката за култура посочи дека двојно се зголемени буџетските средства за финансирање проекти во сите дејности во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“, при што се предвидени средства и за целосна реконструкција на платото пред установата, односно пред влезот на Летната сцена.
Во Музејот „Д-р Никола Незлобински“, кој е еден од најстарите во Југоисточна Европа, годинава со 2,3 милиони денари ќе се осовремени постојната природонаучна поставка, која е единствена по својата содржина. За Музејот во Струга се обезбедени средства и за третата фаза од обновата на музејските депоа, како и за презентација на ранохристијанските мозаици од базиликата во с. Октиси од 5 век во новоизградениот објект – Конаци.
![](https://kultura.gov.mk/wp-content/uploads/2022/03/Struga-4-1024x683.jpg)
Со два милиона денари ќе се реконструираат покривот и фасадата на објектот „Спомен-дом на Браќа Миладиновци“, каде што се наоѓаат работните простории на манифестацијата „Струшки вечери на поезијата“.
За 61. издание на еден од најстарите и најзначајни светски поетски фестивали, годинава се издвоени 10 милиони денари, а на Светскиот ден на поезијата ќе биде соопштен и лауреатот на СВП за 2022 година, како и добитникот на наградата „Мостови на Струга“.
Министерката Костадиновска-Стојчевска изрази задоволство од денешната работна посета на институциите во Струга и подвлече дека Министерството за култура и во иднина континуирано ќе продолжи посветено да работи на поддршка на проектите за општо добро на сите граѓани на земјава.