Во фоајето на Националната опера и балет на 31 мај во 19:00 часот ќе се одржи промоција на монографијата „50 години Мајски оперски вечери“ од д-р Александар Трајковски.
– Монографијата го обработува петдеценискиот развоен пат на единствената оперска манифестација во регионов и пошироко. Со оваа публикација, Националната опера и балет трајно го зачувува уметничкиот белег изграден од големиот број извонредни уметници. Промотор на монографијата е м-р Весна Малјановска – информираат од Националната опера и балет.
По промоцијата, во 20:00 часот, со операта „Аида“ од Џузепе Верди традиционално ќе биде затворено 50. јубилејно издание на фестивалот „Мајски оперски вечери“.
–„Аида“, магичното ремек-дело на Џузепе Верди, ќе се изведе под диригентската палка на Оливер Балабурски, уметник со кариера од над 28 години. Во продукција на театарот „Карло Феличе“ од Џенова, Италија, претставата на сцената на Националната опера и балет ја пренесе и ја адаптира Дејан Прошев. Кореографијата е на Луиза Балдинети (Италија), концерт-мајстор е Климент Тодороски, а хор-мајстори се Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓорѓеска – додаваат од НОБ.
Улогите ги толкуваат: Сања Керкез од Србија, Виталиј Ковалчук од Украина, Сања Анастасија од Србија, Владимир Саздовски, Игор Дурловски, Отар Накашидзе од Грузија, Катерина Стојановска, Дејан Стоев, а балетски солист е Ивана Коцевска.