Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и членовите на државно-црковната делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски, во рамките на вториот ден од посетата на Рим и Ватикан, денеска во киното „Тицијани“ присуствуваа на проекција на документарниот филм „Медена земја“ на режисерката Тамара Котевска.
Присутните ги поздравија амбасадорот на РСМ во Италија, Весел Мемеди и Лавинија Де Николо, претседателка на Асоцијацијата „Жени дипломати“ при МНР на Италија АЦДМАЕ, воедно и иницијатори на настанот.
![](https://kultura.gov.mk/wp-content/uploads/2022/05/Medena-zemja-3-1024x683.jpg)
Амбасадорот Мемеди изрази задоволство за можноста токму на 24 Мај, Денот на Светите Кирил и Методиј, македонската култура е презентирана пред италијанската јавност.
„Големо е задоволството што токму денеска, на 24 Мај, Светите Кирил и Методиј, заедно со Мајка Тереза, придонесоа преку проекцијата на „Медена земја“, нашата земја и култура да бидат препознатливи не само во Италија туку и во светот. Се надевам дека медот ќе биде доволно сладок, за да ја натера италијанската јавност да ја посети нашата Медна земја“, рече амбасадорот Мемеди.
![](https://kultura.gov.mk/wp-content/uploads/2022/05/Medena-zemja-4-1024x505.jpg)
Претседателката на Асоцијацијата „Жени дипломати“ Лавинија Де Николо, истакна дека станува збор за одличен филм, и додаде дека најважниот дел е грижата за нашата околина, нешто што долго време се запоставува.
Гостите и посетителите кои ја проследија борбената и емотивна приказна на Атиџе Муратова, беа топло пречекани и со специјалитети од македонската кујна.
Претходно македонската државно-црковна делегација оддаде почит пред гробот на Свети Кирил во базиликата „Сан Клементе“, каде митрополитите г. Пимен и г. Јосиф одржаа молебен во чест на Св. Кирил.
Со проекција на „Медена земја“, беше заокружен културно-уметничкиот дел и програмата по повод традиционалното чествување на светите браќа Кирил и Методиј во Рим.