Со премиера на операта „Трубадур“ на Џузепе Верди, во режија на Иван Поповски, на 9 мај се отвораат 52. „Мајски оперски вечери“. Од Националната опера и балет каде што до 31 мај ќе се реализира фестивалската програма, најавуваат атрактивни музичко-сценски дела како и една балетска претстава.
Диригент на операта „Трубадур“ во четири чина, е Енрико Довико од Италија, сценографијата е на Миодраг Табачки (Србија), костимограф е Марија Пупучевска, а кореограф Саша Евтимова.
Во насловната улога ќе настапи тенорот Зоран Сотиров, а дел од кипата се и мецосопранот Сања Анастасија, Марјан Јованоски, Сандра Митровска, Владимир Саздовски, Дејан Стоев, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Јане Дунимаглоски, како и хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Следната изведба на „Трубадур“ е веќе на 11 мај и тоа со учество и на солисти од Канада и Чиле, додека диригентот е Иван Еминовиќ.
Покрај премиерата и репризата на „Трубадур“, на 15 мај на репертоарот на Мајските оперски вечери е балетот „Заспаната убавица“ на Чајковски во кореографија на Виктор Јаременко од Украина. Со операта „Валкира“ на Вагнер на 18 мај, гостува Софиската опера и балет. Операта „Тоска“ на Џакомо Пучини, во режија на Огњан Драганов (Бугарија), со нашата сопранистка Весна Ѓиновска-Илкова, во насловната улога, домашна екипа и гости од Србија и Романија, ќе може да се проследи на 23 мај. Со современа а капела опера „Свадба“, камерна опера за шест женски гласови, во режија на Андреј Јус, на 28 мај ќе гостува Словенечкиот камерен музички театар од Љубљана.
Традиционално, Мајските оперски вечери завршуваат на 31 мај со Вердиевата „Аида“ под диригентската палка на Нимрод Дејвид Фефер од Израел – диригент во престижната опера „Метрополитен“ во Њујорк. Во главната улога ќе настапи солистка од Австрија, Моника Медек, а дел од екипата покрај нашиот бас Игор Дурловски се и гости од Кина, Италија и Бугарија.