Во Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија, за денеска (10 декември) беше предвидено да се одржи завршниот настан од проектот „Денови на македонската литература за деца 2020“, но поради состојбата во светот поврзана со пандемијата со КОВИД-19, настанот ќе биде реализиран онлајн и со видеозаписи од проектните активности.
За таа цел, денеска во 18:30 часот на „Зум“ ќе бидат вклучени сите учесници во проектот, а воведно обраќање ќе имаат директорот на КИЦ на РСМ во Софија, Сашко Насев, и програмската уредничка на проектот, м-р Ели Маказлиева. За литературните и педагошките аспекти на литературата за деца ќе говорат проф. д-р Кристина Николовска и проф. д-р Анета Баракоска.
Книгата за деца – сликовницата „Авантурите на желчето Тео“, избрана на конкурсот за „Деновите на македонската литература за деца 2020“, ќе биде промовирана од Лила Арсова, член на жири-комисијата. На настанот ќе се обратат авторот и илустраторот на сликовницата, виртуелно ќе се доделат плакетите, признанијата и благодарниците, а за дискусија ќе се јават и другите учесници во проектот, автори на видеозаписите и на презентациите, како дел од активностите на проектот.
Преку „Деновите на македонската литература за деца 2020“ се афирмира домашното литературно творештво и придонесува за збогатувањето на културната размена меѓу Северна Македонија и Бугарија. За таа цел, на завршниот настан ќе бидат вклучени и претставници на издавачката куќа „Искуства“ од Софија, со која минатата, 2019 година беше потпишан меморандум за меѓусебна соработка, кои ќе говорат за резултатите од соработката меѓу двете издавачки куќи и накратко ќе биде претставен клипот од преведените наслови на македонски и на бугарски јазик.
Со видеозаписи онлајн, во текот на истиот ден ќе бидат претставени литературата за деца и дел од изданијата отпечатени во последнава година. На сите учесници дополнително ќе им бидат испратени материјалите создадени за овој проект.
Проектот е инициран од издавачката куќа „ЕДУКА МАК“ од Скопје и е поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија. Видеозаписите од проектот може да ги проследите на Јутјуб-каналот на „ЕДУКА МАК“: https://www.youtube.com/channel/UCrqPnG3Ttueo8AZiRl5clQg?fbclid=IwAR3OPktnq-lEeLbbcgmLpqbmzcMLWRvxCyzOWkDDqgqEMD1k_rFw1JuXiqg.