„Нова година – нов почеток!“ е насловот на последниот концерт на Филхармонијата за 2020 година, кој ќе се одржи в четврток во 20:00 часот. Станува збор за несекојдневен концерт кој во една вечер ќе ги спои традицијата, класиката и џезот. Концертот се реализира во соработка со Здружението на џез-музичари, а диригент е Џијан Емин. Како солисти ќе настапат: Џон Илија Апелгрен, Сара Мејс, Дејан Бобиќ, Полина Тасева и Калина Велковска.
Новата сезона на Филхармонијата, 2020 – 2021, со симболичен наслов „Звук на два метра“, беше отворена на 3 септември, а до крајот на месецов беа реализирани 16 концерти во редовната програма и во Камерната сала. Филхармонијата беше прва институција од областа на културата која изработи специјални протоколи за реализација на концерти во посебни услови што ги наложува пандемијата на КОВИД-19.