Со проекцијата на филмот „Што зборуваме, што правиме“ на режисерот Емануел Муре, на 24 март (четврток) во 20 часот во Кинотеката на Северна Македонија започнува Неделата на франкофонски филм.
В петок во 20 часот ќе се одржи проекција на швајцарскиот филм „Семејство“ на Фредерик Бајиф, додека в сабота во 18 часот ќе се одржи проекција на белгискиот филм „Богородица од Нил“ на Атик Рахими. Веднаш потоа, во 20 часот, е закажана проекција на романскиот документарен филм „Дива Романија“.
Настанот се реализира по повод одбележувањето на Месецот на франкофонијата, а го организира Францускиот институт во Скопје заедно со Амбасадата на Швајцарија, Амбасадата на Романија и Кинотеката на Северна Македонија.
Инаку, сите филмови ќе се прикажуваат со превод на македонски јазик, а за романскиот филм е обезбеден само превод на француски јазик, истакнуваат од Францускиот институт во Скопје.