Во црквата „Св. Софија“ во Охрид вечерва во 21 часот ќе се одржи лирска вечер со диригентот Паскал Галоа од Франција, сопраните Милена Арсовска и Гонца Богоморова и баритонот Иван Наумовски.
Галоа покрај исклучително плодната активност како енигматичен и енергичен виртуоз-фаготист и познат педагог, во последно време се афирмира и како успешен диригент и особено креативен уметнички директор.
Милена Арсовска е една од најистакнатите македонски вокални уметници од поновата генерација, со успешна меѓународна кариера. Арсовска редовно настапува на концертните сцени во Виена, а концертните турнеи ја водат низ Европа, Јапонија, Кина и САД.
Гонца Богоромова-Краповски своето професионално деби го остварува во 2006 година со Македонската филхармонија. Соработува со еминентни музички ансамбли и уметници: оркестарот на Пловдивската државна опера, Камерниот оркестар на Македонската филхармонија, Минхенскиот камерен оркестар. На македонската оперска сцена дебитира со улогата на Церлина во Mоцартовата „Дон Џовани“.
Иван Наумовски ги завршил дипломските студии по соло пеење со највисоки оценки на ФМУ во Скопје, во класата на м-р Марија Муратовска, а магистрира на Универзитетите во Грац и Виена. Имал многубројни настапи во Македонија со оркестарот на МОБ и Македонската филхармонија, и на рецитали во различни градови во Македонија како што се: „Скопско лето“, „Денови на македонската музика“, „Интерфест“ и „Есенски музички свечености“ Настапувал во Норвешка, Австрија, Хрватска, Германија, Чешка и др.