Познатата македонска поетеса Лидија Димковска е добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ што се доделува од страна на Струшките вечери на поезијата за најдобра поетска збирка помеѓу две фестивалски изданија. Димковска е добитничка на наградата за нејзината поетска збирка „Гранична состојба.
На конкурсот пристигнале 33 книги а во првата селекција во потесниот круг влегоа збирките, „Потпис: трепетлика“ – Ана Стојановска, „Големата прегратка“ – Павлина Атанасова, „Гранична состојба“ – Лидија Димковска, и „Сватови на песната“ – Даут Даути.
Во образложението на жири комисијата во состав: Сашо Огненовски, Искра Гешоска, Атанас Вангелов, Весна Мојсова Чепишевска и Лулзим Хазири се вели: „Гранична состојба“ е поетска книга која предупредува насочувајќи ги нашите погледи кон средиштето на отворените рани на светот. Овие стихови, остри како сечила ни ги отвораат актуелните политички и социјални крварења, ни ги предочуваат сите недоумици и несреќни одлуки, не опсипуваат со глетки од историските страдања кои, за жал не донесле никакво искуство на ововременските воени и политички лудила.