Министерката за култура на Северна Македонија, Бисера Костадиновска-Стојчевска и министерката за култура и медиуми на Хрватска, Нина Обуљен Коржинек, вчера во Загреб потпишаа Програма за културна соработка за периодот од 2022 до 2025 година со цел воспоставување и развивање на соработката меѓу институциите и соодветните здруженија од сите области на културата и уметноста, поттикнување и афирмација на културните вредности на двете земји, со акцент на младите уметници.
– Во согласност со членот 15 од Договорот за културна и просветна соработка меѓу двете влади склучен на 4 декември 1995 година во Скопје, Министерството за култура и медиуми на Република Хрватска и Министерството за култура на Република Северна Македонија се договорија да ги поттикнуваат мобилноста и меѓународната размена на уметниците од двете земји преку учество на танцови, музички, театарски и на фолклорни ансамбли, на групи и поединци на меѓународните фестивали и манифестации што се одржуваат во двете земји, на покана од организаторите на тие фестивали и манифестации – рече на средбата Костадиновска-Стојчевска.
![](https://kultura.gov.mk/wp-content/uploads/2022/10/Kostadinovska-Stojcevska-Zagreb-1-1024x724.jpg)
Таа додаде дека со оваа програма двете земји ќе поттикнуваат заеднички копродукциски проекти во областа на изведувачките уметности, меѓу театарските куќи и други сродни институции и организации, а е планирана и непосредна соработка меѓу музеите и галериите преку размена на стручни лица, изложби, уметничка литература и публикации.
– Договоривме соработка и во областа на производство на аудиовизуелни дела со цел развој на филмски, односно кинематографски копродукции, но и меѓу националните филмски архиви и јавни институции од областа на аудиовизуелната дејност, со цел размена на искуства во областа на заштитата, дигитализацијата и достапноста на филмското и аудиовизуленото наследство. Тоа подразбира и учество со свои филмови и филмски работници на меѓународни филмски фестивали што ќе се организираат во двете држави на покана од организаторите и во согласност со правилата и прописите на овие фестивали – појасни министерката.
Костадиновска-Стојчевска додаде дека ќе има и заемна организација на Филмска недела во двете земји, а ќе се воспостави и соработка меѓу писателите и преведувачите и нивните организации и здруженија од двете земји, но и меѓу издавачките куќи, објавување преводи на значајни книжевни дела од хрватски и од македонски писатели, размена на изложби на книги и учество на саеми на книгата што се одржуваат во двете земји.
![](https://kultura.gov.mk/wp-content/uploads/2022/10/Kostadinovska-Stojcevska-Zagreb-3-1024x712.jpg)
Хрватската министерка Нина Обуљен Коржинек истакна дека се спроведуваат многу успешни културни проекти помеѓу двете земји, помеѓу уметниците, во театарот, музиката, литературата, филмските и визуелните уметности.
„Нашата соработка е видлива во сите области на културата и уметноста, но и во институционалната соработка”, рече таа.
Преку оваа програма ќе се подобри и соработката меѓу националните архиви, библиотеки и институциите од областа на заштитата на културното наследство преку размена на стручни лица од областа на заштитата на културното наследство.
Двете земји ќе ја поттикнуваат соработката во областа на културата и уметноста во рамките на УНЕСКО, Советот на Европа и другите меѓународни организации и регионални иницијативи, како што е Советот на министрите за култура на Југоисточна Европа, а тоа значи и заштита и негување на културниот идентитет на хрватското и на македонското национално малцинство и во таа смисла ќе даваат поддршка на институциите што го негуваат културното наследство на хрватското национално малцинство во Република Северна Македонија, односно на македонското национално малцинство во Република Хрватска.