– Како министерка за култура и како човек, секогаш се водам од тоа дека сè што е добро треба да продолжи да биде добро. Така и јас, го запазив континуитетот во сите добри постигнувања на моите претходници зашто во тие добри работи е вложено и многу труд и многу време и многу пари – рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на денешниот Форум „100 дена од мандатот на новата Влада на Република Северна Македонија“, кој се одржа во Националната опера и балет.
Реферирајќи за постигнувањата на Министерството за култура во овие 100 дена, во третата панел-сесија со министрите, Костадиновска-Стојчевска потенцираше дека и во овие 100 дена продолжија добрите политики за заштита на културното наследство, како и за одржување на високото ниво на уметничките содржини на институционално и вонинституционално ниво.
– И во ова време, повеќе невреме, ги усогласивме платите во културата кои сега се на едно пристојно, достоинствено ниво – нагласи Костадиновска-Стојчевска. Потсетувајќи дека е во тек реализацијата на поддржаните проекти со Годишната програма, Костадиновска-Стојчевска рече дека се реализирани конкурси за поддршка на самостојни уметници и за дефицитарни кадри, а го најави и отворањето на Конкурсот за афирмација на современиот македонски јазик.
Костадиновска-Стојчевска се осврна на активностите реализирани во дејностите од областа на културата во изминатите 100 дена, на реализацијата на капиталните проекти, меѓународните претставувања на државава… Таа најави дека Министерството за култура продолжува да работи на отворањето на нови културно-информативни центри во регионот, а кажа дека се започнати подготовките за реализација на програмата на Деновите на македонската култура во Прага, за време на претседавањето на Чешката Република со Европската Унија.
Министерката за култура Костадиновска-Стојчевска изрази уверување дека културата ќе блесне во полн сјај, по две години пандемија.
На Форумот воведно обраќање имаше премиерот Димитар Ковачевски, по што се одржа панел-сесија со премиерот, а потоа и со вицепремиерите и министрите. На Форумот присуствуваа претставници на: дипломатскиот кор, стопанските комори, граѓански организации, институции, медиуми.