Костадиновска-Стојчевска: КИЦ Софија е квалитетно поглавје во односите меѓу Северна Македонија и Бугарија

од admin_kult

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, како дел од владината делегација која е во официјална посета на Република Бугарија, денеска го посети Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија. На средбата со директорот Сашко Насев разговараа за динамиката и идните  активности на овој прв македонски културен центар, кој има големо значење за промоцијата и афирмацијата на македонската култура во бугарската престолнина.

Костадиновска-Стојчевска истакна дека Културно-информативниот центар е пример за квалитетно поглавје во односите меѓу Северна Македонија и Република Бугарија и е место за културна размена, едукација, но и место каде што се создаваат вредни пријателства. На средбата во КИЦ присуствуваа истакнати автори, режисери, актери и млади уметници кои континуирано остваруваат соработка со македонскиот културен центар, на кои министерката Костадиновска-Стојчевска им се заблагодари за поддршката во промовирањето на настаните што се организираат во овој културен простор.

– Денешната посета на Софија е во насока на продлабочување на соработката и да покажеме дека можеме заедно да работиме на големи проекти во културата – рече министерката Костадиновска-Стојчевска и додаде дека, за таа цел, ќе биде договорен и календар на културни активности кои ќе бидат рамката за реализација на нашата заемна понатамошна соработка.

Министерката Костадиновска-Стојчевска упати благодарност до директорот на Културно-информативниот центар, Сашко Насев, за неговата посветеност и придонес кон продлабочувањето на културните врски меѓу двете земји. Минатата година, и покрај пандемијата, во Софија се реализираа настани и активности преку кои беа претставени многубројни македонски уметници од сите генерации.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе