„Димитар Кондовски е, несомнено, еден од најзначајните македонски ликовни уметници. Контроверзен и харизматичен како личност и како творец, Кондовски зад себе остави исклучително значаен творечки опус. Неговото име е запишано со златни букви во нашата култура, а неговите дела ѝ дадоа на македонската уметност сјај на нешто ретко и скапоцено“, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на првата ретроспективна изложба на Димитар Кондовски во последните 30 години која се отвори синоќа во Даут пашинот амам во Скопје.
![](https://kultura.gov.mk/wp-content/uploads/2022/05/izlozba-Kondovski-3.jpg)
Во присуство на многубројните гости, меѓу кои и претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски, министри, амбасадори, членови на семејството на Димитар Кондовски, Костадиновска-Стојчевска додаде дека во годината кога се одбележуваат 95 години од раѓањето на Кондовски, благодарејќи на Националната галерија на Северна Македонија, на кураторот Емил Алексиев и на семејството Кондовски, посетителите имаат можност да се задлабочат во она што тој го создал во сите периоди од неговата грандиозна творечка дејност.
![](https://kultura.gov.mk/wp-content/uploads/2022/05/Izlozba-Kondovski-2.jpg)
„Кондовски го запознавме како вешт портретист, како почитуван сценограф, дизајнер, соработник на македонските национални театри, како плоден ликовен илустратор и, секако, како посветен педагог и професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје“, рече Костадиновска-Стојчевска.
На отворањето се обрати и директорката на Националната галерија на Северна Македонија, Дита Старова-Ќерими, која рече дека уметничкиот идентитет во сликарството на Димитар Кондовски, заради сета предизвикувачка енергија која остави неизбришлив, длабок и траен белег во времето, е постојано актуелен, како камен-темелник врз кој се гради и доградува современата македонска ликовна уметност.
Ретроспективната изложба на Кондовски, ги опфаќа сите периоди од неговата творечка дејност и ќе биде отворена за јавност до крајот на месец јули 2022 година.