Костадиновска-Стојчевска: Делата на Кондовски ѝ дадоа на македонската уметност сјај на нешто ретко и скапоцено 

од admin_kult

„Димитар Кондовски е, несомнено, еден од најзначајните македонски ликовни уметници. Контроверзен и харизматичен како личност и како творец, Кондовски зад себе остави исклучително значаен творечки опус. Неговото име е запишано со златни букви во нашата култура, а неговите дела ѝ дадоа на македонската уметност сјај на нешто ретко и скапоцено“,  рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на првата ретроспективна изложба на Димитар Кондовски во последните 30 години која се отвори синоќа во Даут пашинот амам во Скопје.

Во присуство на многубројните гости, меѓу кои и претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски, министри, амбасадори, членови на семејството на Димитар Кондовски, Костадиновска-Стојчевска додаде дека во годината кога се одбележуваат 95 години од раѓањето на Кондовски, благодарејќи на Националната галерија на Северна Македонија, на кураторот Емил Алексиев и на семејството Кондовски, посетителите имаат можност да се задлабочат во она што тој го создал во сите периоди од неговата грандиозна творечка дејност.

„Кондовски го запознавме како вешт портретист, како почитуван сценограф, дизајнер, соработник на македонските национални театри, како плоден ликовен илустратор и, секако, како посветен педагог и професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје“, рече Костадиновска-Стојчевска.

На отворањето се обрати и директорката на Националната галерија на Северна Македонија, Дита Старова-Ќерими, која рече дека уметничкиот идентитет во сликарството на Димитар Кондовски, заради сета предизвикувачка енергија која остави неизбришлив, длабок и траен белег во времето, е постојано актуелен, како камен-темелник врз кој се гради и доградува современата македонска ликовна уметност.

Ретроспективната изложба на Кондовски, ги опфаќа сите периоди од неговата творечка дејност и ќе биде отворена за јавност до крајот на месец јули 2022 година.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе