Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска беше во работна посета на Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица, каде се запозна со тековните проекти и идни активности на оваа национална установа.
Костадиновска-Стојчевска информираше дека од буџетот на Министерството за култура за 2022 година се обезбедени четири милиони денари за проектно-техничка документација за реконструкција на објектот на Центарот за култура, која се очекува да биде изработена годинава.
![](https://kultura.gov.mk/wp-content/uploads/2022/03/Strumica-2-1024x927.jpg)
Во Центарот за култура „Антон Панов“ од Струмица, преку Годишната програма на Министерството за култура, предвидена е реализација на проекти од сите дејности на културата, меѓу кои и 4 премиерни изведби на претстави, изложби на современи уметници, традиционални манифестации, концерти и друго.
Костадиновска-Стојчевска го посети и „Стариот театар“ во Струмица, за кој годинава се издвоени 95 милиони денари и кој, според договорот склучен со изведувачот „Макаус“, треба да биде завршен до крајот на оваа година.
![](https://kultura.gov.mk/wp-content/uploads/2022/03/Strumica-3-1024x1016.jpg)
– Во изминатиов период се одржаа повеќе состаноци за изградбата на „Стариот театар“ во Струмица, како на објектот, така и во просториите на Министерството. На состаноците беа присутни сите инволвирани чинители поврзани со изградбата на театарот, односно Инвеститорот НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј- Струмица, претставници на Министерството за култура, стручниот надзор Акционерско друштво за стопанисување со станбен и со деловен простор од значење за Републиката, Скопје, како и изведувачот на објектот – рече Костадиновска-Стојчевска.
Таа информираше дека во овој период се одвива поконтинуирано изградбата на театарот, а по предлог на надзорот и во координација со изведувачот се констатираше рокот за завршување на градбата, до крајот на годината. Министерката за култура посочи дека изведувачот доставил и нов динамичен план со определениот рок за завршување на изградбата.