Костадиновска-Стојчевска во работна посета на Струмица

од admin_kult

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска беше во работна посета на Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица, каде се запозна со тековните проекти и идни активности на оваа национална установа.

Костадиновска-Стојчевска информираше дека од буџетот на Министерството за култура за 2022 година се обезбедени четири милиони денари за проектно-техничка документација за реконструкција на објектот на Центарот за култура, која се очекува да биде изработена годинава.

Во Центарот за култура „Антон Панов“ од Струмица, преку Годишната програма на Министерството за култура, предвидена е реализација на проекти од сите дејности на културата, меѓу кои и 4 премиерни изведби на претстави, изложби на современи уметници, традиционални манифестации, концерти и друго.

Костадиновска-Стојчевска го посети и „Стариот театар“ во Струмица, за кој годинава се издвоени 95 милиони денари и кој, според договорот склучен со изведувачот „Макаус“, треба да биде завршен до крајот на оваа година.

– Во изминатиов период се одржаа повеќе состаноци за изградбата на „Стариот театар“ во Струмица, како на објектот, така и во просториите на Министерството. На состаноците беа присутни сите инволвирани чинители поврзани со изградбата на театарот, односно Инвеститорот НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј- Струмица, претставници на Министерството за култура, стручниот надзор Акционерско друштво за стопанисување со станбен и со деловен простор од значење за Републиката, Скопје, како и изведувачот на објектот – рече Костадиновска-Стојчевска.

Таа информираше дека во овој период се одвива поконтинуирано изградбата на театарот, а по предлог на надзорот и во координација со изведувачот се констатираше  рокот за завршување на градбата, до крајот на годината. Министерката за култура посочи дека изведувачот доставил и нов динамичен план со определениот рок за завршување на изградбата.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе