Претставата „Отело“ на режисерката Нина Николиќ, копродукција на Македонскиот народен театар и БНП – Зеница од Босна и Херцеговина, ќе биде изведена вечерва (17 август ) од 21 часот, на затворањето на 18. Интернационален фестивал на античка драма „Стоби“.
МНТ информира дека поради комплексноста, претставата ќе биде одиграна на сцената на театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес.
Претставата се игра во проза на два јазика, македонски и босански, а пристапот кон текстот ги разработува темите кои се и денес актуелни, свежи и безвременски.
Шекспировата трагедија „Отело“ премиерно беше изведена на 16 ноември 2019 во БНП – Зеница, а пред скопската публика на 4 декември 2019 година. По изведбата во рамки на „Скопско лето“, настапот на „Стоби“ ќе биде второ фестивалско претставување.
Во претставата играат актери од двете земји: Енес Салковиќ, Саша Ханџиќ, Дарја Ризова, Ѓорѓи Јолевски, Златан Шкољиќ, Aлександар Ѓорѓиески, Џенана Џаниќ, Тамара Миличевиќ-Стилиќ, Александар Михајловски и Аксел Мехмед. Сценографијата е на Вишња Вујовиќ, Ивана Каранфиловска-Угуровска е костимограф, а на сценските движења работеше Димитриос Сотириу. Текстот го преведоа Маја Трајаноска-Ивановска и Зина Агиќ, Крис Јегер работеше на дизајнот на светло, а композитор на музиката е Дуке Бојаџиев.
Осумнаесеттото издание на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“, на кој се изведуваат текстови од најпознатите антички драматурзи, беше отворено на 3 август со премиeрата на „Орестија“. Годинава програмата траеше две недели, а беа застапени две странски и четири домашни продукции, како и придружни настани – изложби, промоции на книги и филмски проекции на отворено.