По концертот во Скопје, Националниот џез-оркестар со програмата под наслов „Џез-лектира“ гостува во Велес. Концертот ќе се одржи утревечер (23 април) во 20:00 часот во Центарот за култура во Велес.
− На концертот „Џез-лектира“ се осврнуваме на дел од творештвото на „Каунт Бејси биг бендот“. Вилијам Џејмс, познат како Каунт Бејси, е американски џез-пијанист, органист, водач на бенд и композитор, познат и како „Кралот на свингот“. Во 1935 година тој го формира оркестарот „Каунт Бејси“ и ја води оваа група речиси 50 години. Неговата работа резултира со низа иновации во музичкиот израз, како: употреба на два „поделени“ тенор саксофони, нагласување на ритам-секцијата, рифови во биг бенд композиции, аранжери за дополнително проширување на биг бенд звукот и слично – информираат од Националниот џез-оркестар.