Во Музејот на современата уметност во Скопје денеска и утре (20 и 21 мај 2022 година) ќе се одржи конференцијата „На работ на климатска катастрофа: Уметност, култура, екологија и креирање политики во 21 век“.
Според организаторите, конференцијата е замислена како платформа на која теоретичари, практичари, креатори на политики и уметници ќе ги споделат своите ставови за уметноста и културата и како се соочуваат со предизвиците на животната средина и глобалната несигурност, и ќе разгледаат и споделат можни начини за трансформирање на иднината во иднина што е добра за живеење, за човечкото и нечовечкото постоење (во екофеминистичка, постколонијална рамка на грижа, солидарност и антикапитализам).
Конференцијата се состои од предавања, дискусии, презентации на уметнички истражувања и дискурзивни програми, како и уметничка програма.
Организатори се: „Локомотива“ – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата и „Плоштад Слобода“, во партнерство со „Платформа Заедничко“ – Белград и Музејот на современата уметност – Скопје, како дел од проектот на ЕУ „АКТ: Уметност, Клима, Промена“.
Учесници на конференцијата се: Љубица Славковиќ, Ана Мендез де Андес, Филип Стојановски, Томислав Вукоја, Зоран Ериќ, Ралука Воинеа, Ана Франговска, Ива Марковиќ, Аслихан Демирташ, Џулија Касалини, Предраг Момчиловиќ, Каролина Маркес, Василеиос Нтурос, Теодора Зумба, Криста Буране, Николина Присташ, Јована Караулиќ, Сабине Зан, Слободанка Стевческа и Милош Ковачевиќ.
Водители се: Биљана Тануровска-Ќулавковски, Ивана Драгшиќ, Ирена Цветковиќ, Здравко Савески, Маријана Цветковиќ и Виолета Качакова.
Конференцијата е поддржана од програмата „Креативна Европа“ на ЕУ, Министерството за култура и фондацијата „Хајнрих Бол“.
Програмите се на англиски јазик и ќе се одржат во Музејот на современата уметност во Скопје.