Квинтетот на Симон Трпчески и Камерниот оркестар „Ајга“ вечер (1 април), со почеток во 20:00 часот, во Филхармонијата ќе го изведат проектот „Македонисимо“ со оркестарската верзија.
Ова е балканска и наедно македонска премиера на оркестарската верзија на „Македонисимо“ на Симон Трпчески и пријателите што се одржува на почетокот на првото издание на „Скопски интернационален музички фестивал“.
Оркестарската верзија на „Македонисимо“ се базира врз транскрипции на македонската традиционална музика од композиторот Панде Шахов, во соработка со врвниот пијанист Симон Трпчески.
Инаку, поради големиот интерес за првично најавениот денешен концерт, втората концертна изведба се одржа ден порано, со оглед на програмскиот распоред на учесниците и достапноста на големата сцена на Филхармонијата.
Како што информираат од „КултурОп“, двете концертни вечери ќе го означат почетокот на првото издание на „Скопски интернационален музички фестивал“ што го организира Камерниот оркестар „Ајга“.