Во изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово, денеска (9 декември) во 19 часот ќе биде отворена биеналната изложба на цртежи „Скици 2022“. На изложбата учествуваат повеќе академски ликовни уметници, меѓу кои: Зоран Јакимовски, Мухамедали Алили-Дали, Стефан Јакимовски, Ханифе Ислами, Дејан Арсовски-Бабата, Зоран Арсовски-Бабата, Милена Арсовска, Симона Јакимовска и други.
Од Центарот информираат дека осмото издание на биеналната изложба на цртежи „Скици 2022“ претставува континуиран напор за реализација на идејата – цртежот како ликовна дисциплина и понатаму да биде актуализиран и промовиран пред пошироката публика и ликовната критика.
„Личниот творечки печат на 14-те автори од повеќе генерации, како и специфичниот третман на цртежот, се главната карактеристика на оваа цртачка збирка на триесетина цртежи во разни формати. Но, она што ги поврзува е, секако, афинитетот кон креативното изразување, слободата којашто ја дава цртежот, како и специфичната ликовна естетика креирана инстантно и непосредно. Се надеваме дека овие карактеристики на изложбата „Скици 2022“ ќе бидат препознаени од поширокиот аудиториум, а со тоа и можноста цртежот да си го добие заслуженото место на македонската ликовна сцена“, нагласуваат од Центарот за култура – Куманово. Изложбата ќе биде поставена до 21 декември.