„Од 0 до ∞“ е насловот на изложбата на Колективот „Зеро“ која синоќа беше отворена во „Уан галери“ (One Gallery) во Софија, Република Бугарија.
Изложбата претставува уметнички континуум на претходните изложби на Колективот „Зеро“ во кој индивидуалните погледи на уметниците формираат колективна целина, во која се забележува меѓусебната игра на уметноста, естетиката и политиката. На изложбата, со свои дела, учествуваат: Александар Станкоски, Перица Георгиев-Пепси, Беди Ибрахим, Миодраг Десовски, Синиша Цветкоски, Зоран Јаневски, Стефан Шашков, Горанчо Ѓорѓиевски, Сашо Јовчевски, Златко Трајковски-Хинки (1960-2017), Лина Дамјан и Виктор Јаневски. Прикажани се индивидуални дела на уметниците, но и заеднички дела – фотографии врз кои се извршени интервенци во сликарска или во дигитална форма – од раниот период на групата.
Изложбата е во организација на Центарот за креативни индустрии – НЕБО од Суводол, Демир Хисар, а се реализира со финансиска поддршка од Министерството за култура. Изложбата ќе биде отворена до 10 јануари 2021 година.