Со претставата „Глембаеви“, варијација на драмата од Мирослав Крлежа, во режија и адаптација на Бранко Брезовац и изведба на актерите од прилепскиот Tеатар „Војдан Чернодрински“, синоќа во Струмица започна триесеттото, јубилејно издание на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“. На фестивалското отворање беше презентирана и изложба на фотографии од досегашните 29 лаурeати.
– Годинава имаме богата програма, девет претстави во конкуренција и една балетска претстава за затворањето и во чест на наградениот актер за највисоко остварување. Имаме претстави од театрите од Битола, Прилеп, Скопје, Велес, неколку независни продукции, како и гостувања од Бугарија и од Косово и една копродукциска претстава. Се надеваме дека понудената програма ќе предизвика интерес кај публиката, а сите претстави ќе се одиграат во Центарот за култура „Антон Панов“ – информираа организаторите.
Во конкуренција за единствената награда за највисоко актерско остварување „Ристо Шишков“, која се состои од златен медалјон со ликот на Шишков и парична награда од 1500 евра, се триесетина актери. Жирито ќе го предводат минатогодишната лауреатка, актерката Ѕвездана Ангеловска, и актерите Нико Горшиќ и Петар Арсовски.
Фестивалот се одржува од 8 до 13 овој месец во Центарот за култура „Антон Панов“ со финансиска поддршка од Министерството за култура и од Општина Струмица.