Костадиновска-Стојчевска со чешкиот заменик-министер за култураво Прага: Пријателските односи ќе ги зацврстиме со конкретни проекти меѓу институциите и уметниците

од admin_kult

Република Северна Македонија и Чешката Република имаат одлични релации на надворешно-политички план, во рамките на регионалната соработка, ЕУ и НАТО. На полето на културата, пред двете земји се огромен број можности и уште поголем потенцијал за подинамична соработка, која треба да се интензивира во периодот што следува – се согласија министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, и заменик-министерот за култура на Чешката Република, Ондржеј Храст, на денешната работна средба во Прага.

На состанокот, кој помина во пријателска атмосфера, министерката Костадиновска-Стојчевска изрази благодарност за поддршката што ја дава Чешка за евроинтеграциските процеси на земјите од Западен Балкан. Таа изрази уверување дека во рамките на чешкото претседателство со ЕУ уште повеќе ќе се стави акцент на заедничките заложби за зацврстување на мирот, демократијата и дијалогот во Европа.

„Со г. Храст зборувавме за начините на интензивирање на соработката помеѓу националните филхармонии и оперско-балетските куќи, галериите, саемите на книга, како и за можностите од поинтензивна соработка помеѓу меѓународните фестивали кои ги имаат двете земји во разни области од уметноста“, вели министерката Костадиновска-Стојчевска.

На средбата,таа ги нагласи и активностите на Северна Македонија за вклучување на културата во Агендата за Западен Балкан на ЕУ, како и добрите практики на македонските корисници на Програмата „Креативна Европа“ и на инструментите за претпристапна помош на ЕУ во прекуграничната соработка.

Соговорниците истакнаа дека во наредниот период ќе ја обноват Програмата за соработка помеѓу двете министерства и ќе ја засилат комуникацијата за воспоставување поинтензивна соработка меѓу сродните институции во двете земји.

Министерката за култура, Костадиновска-Стојчевска, предложи да се иницираат заеднички работилници од областа на креативните индустрии или средби на соодветно ниво на кои би се размениле искуства во оваа сфера. Заменик-министерот Храст, пак, сподели чешки искуства за поддршка на младите уметници и иницираше активности за поддршка на најмладите кои имаат свои интернационални мрежи на поврзување и зближување.

На средбата стана збор за позитивните искуства од соработката во филмската дејност, како и редовните претставувања на кинематографските остварувања во двете земји. Македонската министерка за култура изрази задоволство што и по повод одбележувањето на чешкото претседателство со ЕУ, меѓу содржините што ќе се претстават пред чешката јавност се и поновите филмски остварувања на авторите од Република Северна Македонија.

Соговорниците ја истакнаа и соработката меѓу двете земји на мултилатерално ниво, особено во рамките на активностите на Форумот на словенските култури.

Костадиновска-Стојчевска упати покана до заменик-министерот Храст да биде гостин на културните содржини што денеска и утре се организираат во Прага, Чешка, по повод одбележувањето на чешкото претседателство со ЕУ и Денот на независноста на Северна Македонија –  8 Септември.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе