Министерката за култура Ирена Стефоска денеска во СОУ „Гоце Делчев“ во Валандово присуствуваше на завршната конференција за проектот „Свеста за своето Валандово 2020“, преку кој младите ја развиваат свеста и љубовта кон сопствената култура, наследство и традиција.
На конференцијата на која присуствуваа и градоначалникот на Валандово Перо Костадинов, проф. д-р Елизабета Томевска-Илиевска, претседател на Институтот „Европа за тебе“ и Роберт Алаѓозовски, национален координатор во Владата, министерката Стефоска го истакна значењето на проектот за запознавањето на младите генерации со културното наследство на овој регион. Таа рече и дека една од основните цели на Министерството за култура и Владата на Република Северна Македонија, е токму заштитата на културното наследство. Во тој контекст Стефоска посочи дека педесет проценти од артефактите кои се наоѓаат во Археолошкиот музеј се токму од овој крај и дека од тие причини заштитата на археолошките локалитети и нивното негување се еден од начините за промоција и развој на Валандово.
Проектот „Свеста за своето Валандово“ се спроведува неколку месеци, а финансиски е поддржан од Министерството за култура со цел образовна промоција на културното наследство на Валандово.