Од денеска почнува 47. издание на Младиот отворен театар – МОТ, еден од најстарите театарски фестивали во регионот со интернационална програма. На сцените на Младинскиот културен центар, „Јавна соба“ (Public room) и КЦ „Јадро“ во следните денови до 19 ноември фестивалот ќе донесе 23 продукции, односно 25 програмски активности.
Фестивалската програма започнува со дуодрамата од домашна продукција „Кислород“ на Иван Вирипаев, во изведба на Народниот театар од Битола и во режија на Иван Јерчиќ, која ја најавува и програмската определеност на фестивалот кон домашната продукција во чест на повеќедеценискиот програмски уредник и директор на МОТ, Љубиша Никодиновски-Биш, кој почина оваа година.
Во негов спомен се востановува награда „БИШ“, која ќе се доделува за најдобра театарска претстава од домашна продукција меѓу две фестивалски изданија. За таа цел, МКЦ, како организатор, отвори повик на кој се пријавија 25 продукции, а на фестивалот ќе бидат прикажани осум селектирани претстави. Оценувањето на претставите го прави меѓународно жири.
Во годината на јубилејот „50 години МКЦ“, Млад отворен театар направи програма со која ќе биде домаќин на театри од Северна Македонија, Словенија, Грција, Турција, Велика Британија, Србија и од Црна Гора.
Фестивалот е поддржан од Град Скопје и од Министерството за култура на Република Северна Македонија.