Во објектот на Офицерскиот дом во Битола утре (2 ноември) во 19 часот ќе биде претставена изложбата на костими „Опера Драма Балет“ на реномираниот костимограф Благој Мицевски.
Изложбата се фокусира на проекти реализирани во последната деценија, со автори кои најмногу влијаеле и ја одбележале работата на Мицевски во тој период. Меѓу нив е и Диего де Бреа, режисер од Словенија, со кого соработувал при реализацијата на опери во Братислава и во Љубљана, како и на претстави во Битола, Скопје, Белград, Цетиње, Сараево и во Љубљана. На изложбата се претставени и костими од претставите што ги реализирал и со Џон Блондел од театарската трупа „Лит мун“ од Санта Барбара, САД. Меѓу најзначајната соработка со овој реномиран режисер е и претставата „Хенри Шести“, трет дел, што ја имаше својата премиера во лондонски „Глоуб“.
Пред публиката ќе бидат претставени и костими реализирани во рамките на соработката со реномираната кореографка Рисима Рисимкин. Мицевски и Рисимкин соработувале на голем број балетски претстави, меѓу кои и реализирани дела во: Љубљана, Ротердам, Анталија и Пекинг.
Благој Мицевски е роден во 1968 година во Битола, а почнувајќи од 1993 година до денес е постојан член на ансамблот на Народниот театар од Битола. Во својата триесетгодишна кариера реализирал костимографии за огромен број театарски, балетски и оперски претстави. За својата работа има добиено повеќе награди.
Мицевски шест години беше уметнички директор на Битолскиот театар, а е и идеен творец на „Битола Шекспир фестивал“, за кој беше селектор во првите пет изданија, период во кој фестивалот стана член на Европската асоцијација на Шекспирови фестивали.
Има режирано 15 претстави, кои гостувале на фестивали во земјава и во странство и биле наградувани. Бил костимограф и во два филма, а учествувал и на повеќе изложби.