Во „Мала станица“ поставена Годишната изложба на ДЛУМ

од admin_kult

Друштвото на ликовните уметници на Македонија, под покровителство на Министерството за култура и Град Скопје, во Националната галерија, објект „Мала станица“, ја постави Годишната изложба која ќе биде достапна за посетителите до 30 октомври.

Оваа година на Годишната изложба учествуваат 57 автори, членови на ДЛУМ, кои се претставуваат во категориите: сликарство, скулптура, графика и нови медиуми. Како и во минатото така и оваа година, Друштвото на ликовните уметници на Македонија додели неколку награди, и тоа: награда за сликарство на Мирослава Микица Трујкановиќ за делото со наслов „Молитвеник за сите“, награда за скулптура на Слободан Милошески за делото со наслов „Запознавајќи се себеси“ и награда за нови медиуми на Ана Ивановска за делото со наслов „Без здив“.

„Несомнено е дека годишните или ревијалните изложби на македонските ликовни уметници отсекогаш претставуваат голем културен настан во нашата средина. Затоа тие изложби се значајна состојка од летописот на нашата ликовна уметност. Еден аргумент е непобитен: дека нема македонски ликовен уметник кој не учествувал на тие ревијални изложби, почнувајќи од првата таква изложба во далечната 1945 година, па сè до денес. Друштвото, за да ја задоволи желбата на сите членови еднаш годишно да ги изложат своите дела на заеднички настап, без критериумот на селективност, ја организира оваа ревијална изложба. Впрочем, на тој начин се враќа една убава практика кога секој уметник, член на ДЛУМ, всушност станува арбитар за себеси, а истовремено ја презема и целата одговорност и ризик на изложувањето. Тоа, секако, ја зголемува самокритичноста, таа врвна доблест на старите мајстори“, наведуваат од ДЛУМ во најавата за изложбата.

Можеби ве интересира:

Leave a Comment

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе