Со посета на неговото вечно почивалиште, со промоции и музичко-сценски настани во спомен-куќата на „Тодор Проески“ во Крушево беше одбележан 41. роденден на Тоше Проески.
Повеќето настани за одбележувањето на роденденот на Тоше се одржаа во неговиот Спомен дом на Гумење. Се одржа традиционалната крводарителска акција, се интерпретираа песните на Тоше, беа промовирани книги, а беше претставен и музичко-сценскиот проект насловен „Ангел си ти“, на кој настапија камерниот оркестар од Битола и солистите и изведувачи од Националната опера и балет.
– Спомен-куќата на Тоше е и домот на неговите спомени. И на спомените за Тоше од неговите фанови и почитувачи. Сите настани токму овде ги одржавме во чест на роденденот на Тоше. Тој беше музичар, но и голем хуманитарец. Мило ми е што младите генерации ги почитуваат и усвојуваат неговите морални вредности – истакна директорката на спомен-куќата „Тодор Проески“, Лефкија Гажоска.
За градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски, Тоше беше музичар, но и голем хуман деец. Посочи дека е покрената иницијатива 25 јануари да биде национален ден на хуманоста.
– Решивме дека денот на хуманоста на 25 јануари треба да биде и национален ден на хуманоста. Денеска доделивме пакетчиња во крушевските училишта, ама и поделивме 10 хуманитарни ваучери со еднократна помош за најсиромашните крушевски семејства. Сакаме и оваа година со бројни настани да ги привлечеме фановите на Тоше зашто се навршуваат и 15 години од сообраќајната несреќа кога на 16 октовмри 2007 година кај Нова Градишка, Хрватска, Тоше го загуби животот – вели Христоски.
Годинава се навршуваат 10 години од отворањето на спомен-куќата на „Тодор Проески“ на Гумење во Крушево, која досега ја посетиле околу еден милион посетители.